Видео средба: Османи - Шаленберг

25 септември 2020

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес оствари видео средба со федералниот министер за европски и меѓународни работи на Австрија, Александар Шаленберг.  Во таа прилика,  Шаленберг му упати честитки за изборот на Османи и му посака многу успех во вршењето на новата должност.

„За нас, интересот на Австрија, како непосреден сосед на регионот на Западниот Балкан е од исклучително значење, а особено клучната улога која ја одигра Вашата земја за време на австриското претседавање со ЕУ, период кога земјава оствари сериозен исчекор во европските интеграции. И во оваа фаза од интеграцијата, сме благодарни за принципиелните ставови што ги имате за европската перспектива на земјата“, истакна Османи, потенцирајќи на очекуваната поддршка од страна на Австрија за европските перспективи на Република Северна Македонија и во периодот кој претстои, особено во контекст на европската динамиката во процесот на проширување за време на германското претседателство.

„Нашите очекувања од Германското претседателство се високи, и Владата активно работи на финализација на преговарачката структура, како клучна подготовка за квалитетен старт на преговорите оваа година“, потенцираше Османи

За двајцата министри продолжувањето на политиката на проширување на ЕУ ќе биде позитивен сигнал за целиот Регион и неговата европска перспектива, воедно ќе се креира атмосфера за продлабочување на пријателските односи со соседите и интензивирање на регионалната соработка.

Османи го запозна Шаленберг и за очекувањата од амбициозната Агенда на престојниот „Софиски Самит“ во рамки на Берлинскиот процес, преку кои регионот ќе добие значајни и конкретни придобивки: Економската инвестициската програма за Западен Балкан на ЕК, новата генерација на Регионалниот заеднички пазар како и иницијативата за постигнување на Регионален договор за слободно патување со лични карти. Соговорниците разменија мислења за миграциските прашања како и економската соработка и огромниот потенцијал за нејзино натамошно продалбочување.